Доаѓа период на нова „трансатлантска љубов“ помеѓу Америка и Грција, најавува во текст германски „Ханделсблат“, посочувајќи дека тоа ќе се случи во период на десничарска влада во САД и левичарска во Атина.

Каде е пронајден заедничкиот интерес и зацврстување на односите на одбранбен план меѓу двете земји, особено ако се земе предвид дека Грција е меѓу водечките антинатовски држави? Според дописникот на весникот, Герд Хелер, во прашање се нарушените турско-американски односи, кои се најниско ниво од 1952 година, а причина се барањето за трампа меѓу Фетулах Ѓулен кој е во егзил во САД, и на уапсениот американски пастор во Турција, Ендру Бренсон.

Но, секако не се заборава и на „грешката“ на претседателот Реџеп Таип Ердоган да купи руски ракетни системи С-400, на што американскиот Конгрес одговори со блокада на испораката на американски Ф-35. Тука се секако и воведените санкции.

Од друга стана, според американскиот секретар на одбраната, Џејмс Матис, „односите со Грција никогаш не биле подобри“.

„Америка сега интензивно гледа како да го засили военото присуство во Грција, во времена владеење на Алексис Ципрас кој повеќепати се заколна дека е против „американскиот империјализам“, период кога всушност се создаваат интензивни трансатлантски односи меѓу Атина и Вашингтон, се наведува во написот.

Притоа се забележува дека додека Турција се заканува оти ќе ја затвори воената воздушна база во Инџирлик, па затоа Американците сега Крит го гледаат како замена за таа многу важна база, каде што САД имаат распоредено и нуклеарни боеви глави.

Од друга страна, се потенцира и улогата на Грција за геополитичките интереси на Западниот Балкан, при што се истакнува позитивната улога на Атина, како и нејзините напори да го блокираат руското влијание. Тоа се однесува и за Македонија, при што се наведува дека по 27 години спор за името, Грција се согласи да постигне компромис и да ги отвори вратите на својот сосед за влез во НАТО.