Премиерката на Србија Ана Брнабиќ и претседателот на Косово Хашим Тачи денеска разговараа во Минск, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, јавува белоруската новинска агенција Белта.

Брнабиќ, како што наведува Белта, изјавила дека станало збор за напредокот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Таа изразила надеж дека е можно да се постигне договор, компромис кој ќе води кон поголема стабилност во регионот, пренесува белоруската новинска агенција.

Косово и Србија настојуваат да постигнат конечен мировен договор, но се уште ништо не е договорено, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на Косово Хашим Тачи, после неговата средба со премиерката на Брнабиќ.

Постигнувањето на договор меѓу Србија и Косово оди тешко, но дури и во вакви околкности Тачи гледа „светло на крајот од тунелот“, затоа што двете земји, како што вели, се свесни дека не може да продолжат на истиот начин како до сега.

Тој смета дека сега е вистинскиот момент за решавање на проблемот.

Тоа мора да биде конечен мировен договор, кој подразбира потполна нормализација на односите и помирување меѓу двете држави и двата народи. Договор кој е меѓународно правно обврзувачки и сеопфатен, што значи меѓусебно признавање. Без тоа, овој или кој било друг договор нема да има значење. Договорот мора да биде конечен, изјави Тачи.

Тој нагласи дека нема да има граница долж етничките линии, ниту размена на население помеѓу земјите.

Тачи денеска на својот Твитер профил порача дека „сеопфатниот договор меѓу Косово и Србија“ треба да овозможи членство на Косово во ОН, НАТО и ЕУ.