Грција планира во ноември да достави до Германија формално барање за исплата на воени репарации во износ од 280 милијарди евра, објави неодамна германски Шпигел. Токму таа сума Грција ја усвои пред две години пресметувајќи ги воените штети кои за време на Втората светска војна им ги направила нацистичка Германија.

Според Шпигел, се чекало од 2016 година за да се почне со формално барање за исплата затоа што Грција беше во процес на отплата на долговите, па така, штом неодамна заврши последниот циклус на отплата Атина сега е решена да го формализира барањето, кое, како што се нагласува, е емотивно за грчкиот народ.

На 3 октомври годинава претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос го актуелизираше прашањето на комеморативниот собир во Каликратис на Крит каде нацистите извршиле масакр. А, само една недела претходно и премиерот Алексис Ципрас во селото Канданос зборуваше за репарации од Германија „како историска должност“ и сугерираше дека прашањето може да се реши или со билатерален договор или на меѓународен суд.

„Се додека Грција зависеше од странска помош, премиерот Ципрас избегнуваше да го постави прашањето. Сега, како и да е, по завршувањето на последната транша од помошта, Атина настојува да преземе релевантна иницијатива“, пишува Шпигел.

Меѓутоа, дел од грчките медиуми анализираат дека акцијата на Ципрас, која треба да почне во ноември, може да се смета и како адут во ракавот пред наредните парламентарни избори. Се смета дека доколку успее да добие репарации тоа ќе му донесе многу гласови. Во моментов тој заостанува зад конкурентот Киријакос Мицотакис за околу 10 проценти.

Според некои анализи очигледна е координираноста меѓу Павлопулос и Ципрас. Притоа се додава дека прашањето ќе биде поставено за време на посетата на Грција од германскиот претседател Валтер Штајнмаер.

Меморијалот во селото Канданос

Наредниот чекор би требалo да го преземе грчкиот парламент кој формално ќе го ратификува извештајот, готов уште во 2016 година, а потоа тргнува во меѓународна офанзива, пред се во Европскиот парламент, Европскиот совет и во ОН. Крајната точка може да биде токму Меѓународниот суд на правдата во Хаг, каде Грција еднаш загуби случај против Македонија, но пресудата не се ни обиде да ја спроведе.

Германија, пак, претходно јасно стави до знаење дека нема основа на Грција да и исплаќа репараци.