Вработените во Клиничкиот центар го одложија најавеното блокирање на наплатните рампи на паркингот во кругот на клиниките, во знак на револт против одлуката на Град Скопје за зголемување на цената на услугите за вработените во Клиниката.

Велат дека одлуката да не ги блокираат наплатните рампи, следела по замолница од ресорниот министер за здравство Венко Филипче, кој денеска треба да има средба со градскиот татко да го реши проблемот. Доколку Градот не ја повлече одлуката велат дека утре ќе ги блокирааат наплатните пунктови.

За време на протестот вработените истакнаа пароли „привилегирани“ во знак на револт по изјавата на градоначалникот Шилегов дека пациенти умираат на паркинг не можејќи да дојдат до клиниките од возилата на вработените, и зошто тие треба да бидат привилегирани и да плаќаат поевтин месечен билет за паркирање од останатите граѓани што плаќаат за паркинзите во Скопје.

Вработените ја замолија власта да излезе, со како што кажаа, добри решенија, а не да нудат покачување на цената на паркингот без притоа да им се обезбеди место за паркирање. Порачаа, доколку не знаат како, тие ќе понудат решенија.

Велат дека остануваат на барањето паркингот да се врати во владение на Клиничкиот центар, бидејќи ЈП „Градски паркинг“ освен што наплатува влез и излез, нема ништо вложено овие години за да се обезбедат соодветен број места за паркирање.

Вработените во Клиничкиот центар Скопје и денес и вчера за време на паузата излегоа да протестираат во кругот на клинички центар, бидејќи сметаат дека со зголемување на цената на месечниот билет за вработените нема да се реши хаосот со возила.

Протестот е организиран од Синдикатот на Клинички центар.