Подгрупата за помирување во Собранието изготви Предлог-закон за амнестија, што денеска ќе биде доставен до копретседавачите на Комисијата, за тој што побрзо да биде донесен.

Зекир Рамчиловиќ, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја предводи оваа подгрупа, изјави дека нејзините членови постигнале консензус по ова прашање. Според него, со Предлог-законот нема да бидат опфатени организаторите и лицата, кои извршиле физичко насилство за време на настаните од 27 април лани во Собранието.

Сите лица опфатени со овој судски процес ќе треба поединечно да поднесат барање за амнестија, посочи Рамчиловиќ.

Иако се очекуваше Интерпарламентарната група за интеграција и помирување уште денеска да се состане и да го разгледа предлог-законското решение за амнестија, што се предлага да се донесе по скратена постапка, според пратеничката Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, сепак тоа дополнително ќе се случи.

Независно од тоа дали Пандорината кутија се „шири или отвора“, од изјавата на Рамчиловиќ излегуваат повеќе дилеми. Прво, дали самото поднесување поединечно барање за амнестија, на извесен начин, не значи и признавање на вина?

Доколку некој смета дека може  да ја докаже својата невиност пред суд, тогаш тој може да не поднесе барање за амнестија, вели Александрова.

За професор Мирјана Најчевска, воопшто, закон за амнестија самиот по себе е проблематичен, па затоа и ретко се користат вакви законски решенија. Според неа, законот по дефиниција не негира, туку потврдува вина и во суштина се работи за политички закон.

Не е важно дали учесниците во настанот ќе поднесат барање или не, тие сепак ќе се сметаат за виновни. Но, решението да не се гонат е политичко решение на највисокото законодавно тело заради соодветна политичка ситуација, вели професор Најчевска.

Но, пред да се види конечната верзија на предлог-законот за амнестија најмногу прашања поставува адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој не само што е бранител на учесници во настаните од 27 април, туку е и исклучителен познвач на правото и правната пракса. За него, на пример, поимот организатори е многу растеглива категорија и клучно е кое лице, орган или тело ќе посочи, кој е организатор.

Ќе треба да се верува на нечиј збор и врз основа на тој збор  да се одреди нечија судбина, зашто запретената казна за делото за кое се обвинети лицата е минимум 10 години, вели тој.

За него помалку спорно е изземањето на оние, кои извршиле физичко насилство. За тоа постојат снимки и од нив се гледа кој удирал. Но, дилемата е кој е тој што ќе одлучи дали и кој ќе биде исклучен од амнестијата од аспект на тоа дали лицето физички нападнало пратеници, полицајци или вработени во Собранието, дали тоа ќе важи за една, две или за трите споменати категории?!

Досегашна пракса беше со носење на закон за амнестија да бидат амнестирани сите лица поврзани за одреден настан, без никаква селекција, и тоа е во ред. Но, сега се поставува прашањето кој е тој орган или тело, што ќе каже тебе ти следува амнестија, а тебе не. Значи, не е само да се донесе законот. Вака, кој ќе ја утврди фактичката состојба? За тоа е надлежен судот, а тој во моментов, во оваа фаза не може да одлучи, зашто пресумпцијата на невиност важи и секој е невин се додека не се изјасни Апелациониот суд, потенцира Давидовиќ.