Албанскиот премиер Еди Рама забрани на своите министри и пратеници од Социјалистичката партија да учествуваат во телевизиски дебатни емисии со поранешните пратеници од опозицијата, кои минатата недела се одрекоа од пратеничките мандати.

„Немојте да одите на ТВ дебати со оние кои се одрекоа од пратеничките мандати. Не треба да одите на дебати со бегалци од парламентот“, порача Рама на своите пратеници и министри.

Според негови зборови, поранешните пратеници веќе не се „на другата страна на парламентот“.

„Тие веќе не се на другата страна на парламентот и заслужуваат непочитување од страна на нивните гласачи и нашето одбивање да расправаме со нив надвор од парламентот“, кажа албанскиот премиер.

Претходно опозицијата ја соопшти својата стратегија за понатамошното делување, најавувајќи масовни протести секој четврток пред Парламентот кога се одржуваат седници.

По средбата со претседателите на општинските организации на опозициската Демократска партија, лидерот Љуљзим Баша изјави дека протестите ќе продолжат до симувањето на владата на Еди Рама, додавајќи дека „нема да бидат одржани избори со наркомафија и балканскиот Мадуро, како што Баша го нарече Рама.