Денеска на пладне продолжува седницата на собраниската Комисија за деловничко-мандатни и имунитетни прашања на чијшто дневен ред е барањето за одобрување притвор на пратеникот и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поднесено од Одделението за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април.

Седницата почна вчера, но претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, ја прекиа и ја презакажа за денеска поради големиот број говорници пријавени за збор. Во текот на вчерашната дискусија, имаше имаше препукување меѓу пратениците од власта и опозицијата за тоа дали е оправдано да се донесе одлука на поранешниот претседател на Собранието да му биде одземен имунитетот.

Самиот Вељаноски, детално објаснуваше што се случувало на 27 април во Собранието. Според него, немало ништо спорно во пораката што ја размениле со Никола Груевски дека парламентарното мнозинство сака да го избере претседателот на Собранието и оти тој како претседавач морал да го почитува Деловникот.

Од друга страна, претседателот на комисијата, Богоевски, истакна дека задачата на членовите на комисијата во овој случај е да постапат како во сите други случаи кога суд барал одземање имунитет на пратеник. На тоа Вељаноски иронично одговори дека доколку Богоевски смета оти Собранието, не само за овој случај, треба да биде нотаријат и само да удри печат тогаш нема потреба да се одржува комисијата, туку Богоевски може веднаш штом добие барање од Судот да удри печат и да се потпише.

Свое обраќање имаше и пратеникот Горан Мисовски, кој во своето образложение за одземање на мандатот на Трајко Вељаноски истакна дека Комисијата не треба да ја презема улогата на суд и дека на Вељаноски мора да му се овозможи фер судење. Притоа, Мисовски на седницата го покажа и каменот што на 27 април бил фрлен кон него, објаснувајќи дека тоа покажува колку биле сериозни случувањата во законодавниот дом тој ден.

Својот став против одземањето на имунитетот на Вељаноски го искажа Антонијо Милошоски, кој истакна дека не само што притворот се определува против политичките неистомисленици, туку власта во спрега со Обвинителството и казено поправните установи го користи притворот и за малтретирање, тепање и за понижување на оние што ќе бидат притворени, посочувајќи го примерот со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.