Илјадници ракометни фанови и горди граѓани го исполнија Плоштадот „Македонија“ каде ги пречекаа играчите на европскиот шампион Вардар по победата во Келн. Ракометарите беа дочекани со скандирање, прегратки, солзи и насмевки.
Прославата започна уште на Меѓународниот аеродром Скопје откако по неколку часа одложување долетаа со чартер лет од Келн.
Вардарци од таму се качија во отворениот двокатен авобус и беа поздравувани низ улиците на Скопје, а тие не ги криеа емоциите.
Не ми се верува дека по втор пат ќе го поминам овој пат со трофејот од Лигата на Шампиони, изјави Тимур Дибиров на пат кон плоштадот Македонија.
Ниту тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо не можеше да ги сокрие емоциите. Шпанецот кој во својата прва сезона со клубот успеа да стигне до насловот европски шампион изјави дека никогаш не размислувал дека ова ќе се случи.
Многу сме среќни. Никогаш не размислував за ваков епилог. Одевме натпревар по натпревар, чекор по чекор за на крајот да стигнеме на врвот“, изјави Парондо.
Атмосферата која владеше во Скопје и во целата држава кулминира кога автобусот помина низ „Триумфалната порта“. Ечеше, „Ој Вардаре Македонски“, „Ајде, ајде Вардаре“, „Шампионе Вардаре“ и беа скандирани имињата на играчите.
Во чест на шампионот кој втор пат е на европскиот трон, пред обраќањето на ракометарите на плоштадот ечеше македонската химна.
Емотивен говор имаше Русинот Тимур Дибиров, како и Игор Карачиќ, кој беше прогласен за најкорисен играч на фајнл-форот, а најголеми овации доживеа капитенот Стојанче Стоилов кој додека говореше масата народ извикуваше „Никогаш Северна, само Македонија“ и „Столе ти си наша икона“.
Моите соиграчи се најголеми амбасадори на нашата држава. Голем дел не се Македонци, ќе си отидат во своите држави, но ќе кажуваат за Вардар и Македонија. Најубав дел од нивните кариери. Да живее Вардар, да живее Македонија“, порача капитенот Стоилов пред насобраните граѓани.
Специјални гости на прославата беа коментаторите Сретен Рашковиќ и Стеван Стевановиќ од „Арена Спорт“ телевизија, кои станаа херои заедно со ракометарите на Вардар.
Уживање беше да се следи Вардар оваа сезона. Ви благодариме за се. Скопје е повторно европска престолнина на ракометот. Радувајте се. Слави Македонијо!“ порачаа од бината на плоштадот коментаторите, поклонувајќи им се на ракометарите.
Официјалниот дел од прославата заврши со звуците на „Ние сме шампиони…“ на рок-групата Квин, но плоштадот во главниот град продолжи да пулсира во ритамот на „црвено-црните“и се славеше до после полноќ.
Ракометарите на Вардар завчера ја освоија титулата во Лигата на шампионите, откако во финалето го совладаа Веспрем со 27:24.
Comments are closed for this post.