Рускиот претседател Владимир Путин отпатува денеска на Крим на одбележување на пет годишнината од руското припојување на полуостровот што наиде на осуда од Киев и западните земји, но беше поздравено од огромен број Руси.

Тој на церемонија во Крим отвори една електрана, а се состана и со претставници од граѓанските организации.

Полуостровот под руска контрола влезе на 18 март 2014 година. Русија го нарекува приспојување, додека Западот го осудува како „илегална анексија“. Европската унија и САД против Москва воведоа санкции, кои по се изгледа не го погодија руското стопанство.

Крим ќе биде вратен на Украина. Ќе направиме сè да се осигураме тоа да се случи што е можно побрзо, веднаш по претседателските избори“, на 31 март, изјави денеска украинскиот претседател Петро Порошенко.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, кажа дека луѓето кој го посетиле Крим ја виделе  реалната ситуација и дека животот на жителите на полуостровот се променил кон подобро во изминатите пет години.

Расте сфаќањето во светот дека Крим отсекогаш бил дел од Русија“, рече претседателката на Кремљскиот сенат, Валентина Матвијенко.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, коментирајќи го денешниот датум, рече дека пред пет години направена е анексија врз Крим од страна на Русија и повтори дека за Европската унија, Крим е дел од Украина.

Ќе продолжиме да ја спроведуваме нашата политика на непризнавање на илегалната анексија. Го повторуваме нашето уверување дека Крим е Украина“, порача Могерини.