Министрите за надворешни работи на членките на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г-7) денеска изразија „огромна загриженост” поради задржувањето на украинските бродови и морнари од страна на Русија близу Крим и ги повикаа Москва и Киев да покажат воздржаност.

Во соопштението министрите ја повикуваат Русија да ги ослободи украинските морнари и да и ги врати бродовите на Украина, нагласувајќи дека нема оправдување за руската постапка.

Тензиите меѓу Москва и Киев ескалираа во неделата кога руската армија во Керченскиот Теснец задржа три украински пловила заедно со 24-ца членови на нивните екипажи.

По ова Украина воведе воена состојба во своите погранични реони, обвинувајќи ја Русија дека го зголемува своето воено присутво на меѓусебната граница и побара распоредување бродови на НАТО во Азовското Море.

Во меѓу време, 24-та украински морнари, на кои им беше одредена мерка притвор во траење од два месеци поради „илегален влез на руска територија”, денеска биле префрлени од затвор на Крим во Москва.