Во специјлна акција на бугарското специјално обвинителство и на Државната агенција за национална безбедност се уапсени 43 лица, јавуваат медиумите. Според соопштението на обвинителството, тие биле поврзани со незаконски трансфер на пари во особено големи размери во и надвор од државата. Организаторот на шемата, пак, сириски државјанин, имал контакти со лица, кои логистички помагале меѓународни терористички организации, како и со лица за кои има информации дека се поврзани со финансирање на тероризам.

Истрагата се води според член од кривичниот закон, што се однесува на активности против Републиката, на територијата на градовите Софија, Плевен, Благоевград, Разград, Хасково, Пловдив и Ловеч. Се истражуваат активностите на група странски државјани за трансфер на пари според таканаречениот метод „хавала“ во рамки на меѓународна организирана престапничка група.

На барање на специјалното обвинителство, судот издал 126 решенија за претрес и заплена на 50 адреси и канцеларии, 26 автомобили и 50 лица. Во текот на истрагата се одземени документи, 32.000 евра и друг имот. Спроведувањето на акцијата е резултат на едногодишна работа на специјалното обвинителство со бугарските служби за безбедност и партнерски служби за безбедност на земји-членки на ЕУ.

Таканаречениот метод „хавала“ е систем на испраќање пари, стар со векови. Денес тој се користи главно за трансфер на средства од Азија, Блискиот Исток или Африка. Методот подразбира дека клиент се обраќа до „брокер“ кому му ги дава парите, а посредник се поврзува со свои „партнери“ во државата за која е наменет паричниот трансфер. За ден-два тие го проверуваат нарачателот и му ги даваат парите. Обично, надоместот за трансферот е 5% од сумата.

Реално, со користењето на шемата изостанува текот на парите, што би можел да биде следен, зашто обично „брокерите“ ги плаќаат средствата од свој џеб. Затоа хавалата е одличен начин за финансирање на незаконски активности, меѓу кои и терористички акти. Според оценките на американските власти, последниве години се пренесени милијарди долари од држави како Пакистан, Авганистан и Сомалија.