Организациите на Македонците во Бугарија излегоа со став во врска со спроведениот попис во државата во кој се наведени серија слабости и пропусти со кои е оневозможено слободното изразување на нивната самоопределба како Македонци.

Според објавеното соопштение, пописот прво е спроведен без посебна графа „Македонец“ и во услови на официјална политика на негирање на малцинството и третирањето на самоопределбата Македонец како отпадништво и предавство на државата. А, посебна приказна е атмосферата на масовна антимакедонска пропаганда со силна омраза кон Македонците, заострени односи и масовна кампања против Република Македонија и македонската нација.

Второ, пописот е спроведен во услови на одамна всадениот страв-преку стотиците испратени по затворите и илјадниците интернирани, бркани од работа или мачени на друг начин за време на комунизмот, што последните децении е поддржан од државата преку неказнивост на говорот на омраза кон Македонците, насилство врз одделни активисти, забрани за собири, откажувањето да се регистрираат нивните организации и повикување на илјадници членови на македонските партии и организации и нивно испрашување по полициските станици.

Државата не сторила ништо за да се намали тој страв кај луѓето, ниту организирала кампањи преку кои ќе им објасни дека нивно право е да се попишат како сакаат и оти да се попишат како Македонец е дозволено и не претставува никаков престап.

Попишувачите не биле обучени (или барем малкумина биле) да им објаснат на луѓето дека имаат целосна слобода да се самоопределат како што сакаат. Напротив, во многу случаи тие го нарушувале тоа право, спореле со луѓето или ги манипулирале. А, на македонските организации не им било дозволено да спроведат охрабрувачка кампања Македонците да се самоопределат како што сакаат и без никаков страв.

Во реакцијата натаму се наведува дека ако се исклучи он-лајн попишувањето, пописот по домовите бил спроведен со фундаментални нарушувања на слободата на самоопределување и точноста на собираните информации. Најчесто попишувањето било преку телефон, при што од луѓето биле барани само личните податоци, а се останато подоцна било пополнувано од страна на попишувачите. Притоа, луѓето не биле прашувани ниту за народност, ниту за мајчиниот јазик ниту за верата.

Вториот најупотребуван метод бил земањето на личните податоци на влезот на домот, а формуларите биле пополнувани подоцна, без попишаните да бидат консултирани. Поради тоа, може да се заклучи дека податоците од попишувањето ќе биде фиктивни и најверојатно препишани од претходниот попис или базирани на (не)знаењето на самите попишувачи.

Во реакцијата натаму се наведуваат примери кога доаѓало до отворени несогласувања меѓу граѓаните и самите попишувачи, кои отворено не сакале да ги запишуваат како Македонци. Притоа, забележани биле следните опструкции:

-Попишувачите изјавувале дека нема графа „Македонец“ и затоа не можеле да ги попишат како „Македонци“, туку како друга народност, наместо директно да ги попишат како Македонци во графата „други“,

-Попишувачите наместо Македонец во графата „други“ ставале икс или друг знак,

-Попишувачите спореле со попишуваните дека Македонци нема, а во некои случаи им барале лични карти и им велеле-„Гледаш, тука не пишува дека си Македонец, а и ти живеееш во Бугарија и како да те запишам како Македонец?“,

-Попишувачите на попишуваниот директно им велеле „не си прави проблеми, Македонци нема во Бугарија“.

-Дури и да било пополнето прашањето за народност според желбата на попишуваниот, било прескокнувано прашањето за јазикот, или ако попишуваниот го поставил прашањето за јазикот, одново се наидувало на опструкции дека таков јазик нема или дека јазикот на кој говорат не е македонски, туку бугарски.

На крајот од реакцијата се наведува дека формуларите за пописот не се потпишувале и оти нема никаква гаранција и заштита против тоа, истите подоцна да бидат изменети.

Поради сето тоа и имајќи ја предвид државната позиција околу прашањето за (не)постоење на македонско малцинство, сметаме дека податоците од пописот генерално и особено бројот на Македонци, кои говорат на македонски јазик, ќе бидат драстично намалени, а особено лоша ќе биде ситуацијата со групите повозрасни и помалку писмени граѓани.

Оттука, податоците од пописот ги сметаме за невистинити, необјективни и неупотреблици, наведуваат организациите на Македонците во Бугарија-ОМО „Илинден“-Пирин, ОМО „Илинден“, Антчки Македонци, Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални граѓански права, Македонскиот клуб за етничка толерантност во Република Бугарија, Граѓанската иницијатива за признавање на македонското национално малцинство во Бугаријаи заштита на правата на граѓаните на Бугарија со македонска самосвест „Народна волја“.