Дрска, арогантна, физички турка и не дава влез. Со овие зборови почна сè неделава, кога посетител на локалитето Камени Кукли кај Кратово преку социјалните мрежи побара до секоко да стигне сторијата за жената која незаконски стои на портата, бара пари за влез и со тело блокира да поминете. И така, сите ја запознавме, личноста на неделата
Стојна Димитровска Бут
Го мразам зборот „Македонче“. Мразам кога сами се омаложуваме и одиме со наратив дека „никаде во светот…“. Има, има, идиоти, дебили, дивјаци, криминалци има насекаде. Само некако прагот на толеранција овде ни е многу поголем. Oд ништо друго, туку од чисто куроболие. Од „не е тоа моја работа“.
Па така, некој со години толерира дека посетителите на локалитетот Куклици – Камени кукли кај Кратово ѝ плаќаат влезница на жена која заедно со татко ѝ стои и наплаќа. Значи, иако станува збор за природна реткост и туристичка атракција од национално значење, феномен кој таму е милиони години, а има и прејако народно послание за нив, наплатата не се врши преку институција, јавна установа или концесионер, туку од физичко лице кое самоволно си поставило пункт за наплата. Како на времето кога дававме „стотче“ за да паркираме Охрид. Пластично столче, синџирче и некој Наум.
Како воопшто дошло до тоа едно семејство со години да се однесува како фактички управувач на еден заштитен природен локалитет? Стојна и Милош не се појавиле таму преку ноќ. Според медиумски извештаи, нивното здружение „Извор“ со години било поврзано со активности околу Куклици, а во минатото учествувало и во проекти поврзани со локалитетот и заштитата на животната средина. Токму тука веројатно лежи и нивната страна на приказната. Можно е тие да сметаат дека со години се грижеле за локалитетот, одржувале пристапни патеки и инфраструктура, биле вклучени во проекти за промоција на Куклици… па така и си го присвоиле – затоа што некој им дозволил! Oд чисто куроболие. Од „не е тоа моја работа“.
Од Општина Кратово, со цел памет излегоа и рекоа дека локалната самоуправа немала надлежност врз просторот и дека ниту општинските служби не можат слободно да интервенираат или да управуваат со локалитетот. Тие се шинале и повеќепати укажувале на проблемот, но дека решението требало да дојде од надлежните државни институции кои управуваат со заштитените подрачја и туристичките локалитети.
Од она што е јавно достапно, изгледа дека Општина Кратово формално е надлежна за локалитетот, а не некоја државна институција. Клучен детал е што во 2022 година Советот на Општина Кратово донел одлука локалитетот „Камени кукли“ да му биде даден на користење на Музеј на град Кратово за период од четири години, односно музејот требало да управува со локалитетот во име на општината.
Додека тие „укажувале“ и чекале друг да дојде да ја истурка Стојна ко што турка и она, таа си кеширала, затоа што некој ја оставил. Зошто тука владее чисто куроболие и „не е тоа моја работа“.
Па, од кога по 163 пати годинава (ако одиме со просек – еднаш дневно) ни беше покажано дека тука секој може да прави што наумил без последици, градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски, триумфално изјави дека случајот веќе има и судска димензија и дека сега ќе им биде многу полесно да се справат со фамилијава и дека „доброволно или насила“ ќе мора да го напуштат локалитетот, а „доколку не постапат по судската одлука, може да следува извршување со асистенција на полицијата“. Им се стресоа гаќите. Како на оние со кравите од Крива Паланка што им се тресат.
Ако одеме денес до Куклици, ај да се кладиме што ќе начекаме?
Подготви: М.М.







Comments are closed for this post.