Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Како? Не губејќи го времето на решавање историски прашања бидејќи тие се исклучени од идентитетските, од конститутивните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитуваа националниот и културниот идентитет, и да се концентрираме на европеизацијата – истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервјуто за МИА, што ќе биде објавено викендов.
Во однос на прашањето за нејзината порака од Бугарија, таа меѓу другото потенцира:
– Значи, пријателство и добрососедство, не непријателство и вето. И суштината на пријателството и на добрососедството е во преамбулата на договорот. И таа вели дека нашиот сосед ќе нѐ помага на патот со сопствените искуства, исто така ќе ни го отвори патот кон Европската Унија и тоа некако звучи скандинавски. Ама не е така – рече претседателката притоа укажувајќи и на последниот релевантен член – членот 49, кој се однесува на тоа кога вие можете да влезете, кога може да станете членка на Европската Унија.
И понатаму , вели Сиљановска, следува она што го слушам деновиве и не го разбирам. Следува одлуката на парламентот, значи на македонскиот парламент со двотретинско мнозинство, кој треба да го чуе, преку пратениците, гласот на граѓаните. Како? Не само со двотретинското мнозинство, туку и со референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали се за членство во Европската Унија по ратификацијата од другите членки. Значи, ние предложивме решение што не би го предложиле другите држави. Решение дека ајде и по 37. пат ќе го менуваме Уставот – рече претседателката Сиљановска-Давкова алудирајќи на тоа дека проблемот со нашето членство во ЕУ не е Уставот зашто тој има веќе 36 амандмани, 36 пати е менуван и секогаш под влијание на меѓународната заедница.
Наместо уставен патриотизам, таа смета дека ние честопати се одметнувавме или префериравме не само уставен релативизам туку дури и уставен нихилизам.
– Зошто? Несоодветно однесувајќи се кон законот на законите, кон највисокиот закон секаде, ама и кон најсуштинската општествена повелба меѓу граѓаните. Општествен договор, што би рекол Жан-Жак Русо. Доказ?
Тоа се 36 амандмани, повеќето од нив иницирани од надвор. Прашањето е сега дали суверенитетот, при промените на Уставот, имавме предвид дека извира од граѓаните и им припаѓа ним бидејќи обично сите преамбули ова го изразуваат и со првата реченица од преамбулата „Ние, народот…“ итн., „Ние, народот и меѓународната заедница“, или „Ние, народот и Европската Унија“ или… Но, зборуваме за Устав. И јас затоа секогаш потенцирам дека припаѓам на групата конституционалисти, кои кога ги читаат темелните извори или уставните извори на Европската Унија, се разбира дека ги читаат не само низ очите на членките на ЕУ туку и низ очите на кандидатите, сметаат дека тие треба европеизирани да отвораат поглавја, кластери или да бидат веќе со европски капацитет кога ќе влезат внатре – истакна претседателката Сиљановска-Давкова во интервјуто за МИА.







Comments are closed for this post.