Истражители на Специјалното обвинителство ги претресуваат просториите на Државната агенција за Бугарите во странство, соопшти  институцијата, а пренесуваат бугарските медиуми.

Според информациите, кои се уште не се официјално потврдени, задржан е претседателот на  агенцијата, Петар Харалампиев, кој е испитуван за продажба на неверодостојни документи за бугарското потекло на граѓани, главно од Украина, Молдавија и Македонија за сума од 5.000 евра по пасош

БТА информира дека вкупно се задржани дваесетина души меѓу кои вработени во агенцијата и посредници.

 

 

 

 

 

 

Според официјалното соопштение на Специјалното обвинителство, се вршат процесно-истражни активности, претреси и распит на сведоци на адреси во Софија, Ќустендил и Плевен.

Во Ќустендил нема официјална канцеларија или претставништво на Агенцијата за Бугарите во странство, но според неофицијални информации на дописниците и на адвокати, посредници вршат активности околу плаќањето за документи на кандидати за бугарско државјанство или пак за регистрирање и отворање бизнис во градот.

Од локалната полиција одбиваат да ја коментираат целата операција. Канцеларија на фирма за превод и легализирање  на документи на странски граѓани во центарот на Ќустендил е затворена, а во непосредна близина има униформирана полиција.

Харалампиев ја преземал Агенцијата во мај 2017 година. Пред тоа, три години бил заменик областен управник на Софија. Бил и извршен директор и член на управниот совет на фондацијата „ Бугари„. Харалампиев е лидер на националното движење „БГ патриот„, што е дел од коалицијата „Обединети патриоти„.

Пред една година околу неговото име се разгоре полемика, откако беше снимен со тренерка со натпис „Wehrmacht„ (името на вооружените сили на нацистичка Германија во времето на Хитлер). Тогаш Харалампиев објасни дека „Вермахт„ е име на музичка група, а вицепремиерот Красимир Каракачанов го заштити.

Само од Албанија и од Косово групата заработила над 8 милиони евра

На најновата антикорупциска афера поврзана со издавање фалсификувани документи од страна на Државната агенција за Бугарите во странство, според последните информации,  се работело четири месеци.

Во оваа фаза на истрагата, истражителите претпоставуваат дека целата група остварила огромна добивка, со оглед дека неделно биле издавани по околу 30 фалсификувани документи за бугарско потекло.

Со години наназад имало сериозни предупредувања дека вработени во Агенцијата земале поткуп за издавање на неопходните документи, а целата структура била под долгогодишна контрола на ВМРО.

Уште во 2014 година, една контрола покажала дека 1.644 души од Албанија и Косово добиле уверенија за бугарско потекло. Оваа бројка говори дека групата само од „албанската линија„ тогаш заработила над осум милиони евра.