Од премиерот Зоран Заев зависи до кога ќе траат протестите на комплексот Клиники. Се чека на министерот за здравство Венко Филипче да им закаже средба на претставниците од Синдикатот на Клинички центар со премиерот. Дотогаш медицинскиот персонал за време на паузата ќе продолжи со блокирање на наплатната рампа во кампусот.

По денешниот состанок со министерот Филипче од Синдикатот на Клинички информираа дека разговорите биле тешки и дека засега нема ништо од барањето за изедначување на платите од 2019 година, бидејќи како што ги информирал министерот, тоа е максимумот што може да го дадат.

Во однос на поскапување на паркинг услугата на Клинички за вработените, претседателот на Синдикатот д-р Горан Беговиќ рече дека постои расположение паркингот да се врати во владение на Клиничкиот центар.

Трет ден по ред, за време на паузата вработените во Клиничкиот центар во Скопје протестираат поради поскапување на паркингот. Освен барањето за решавање на овој проблем, тие денеска упатија низа барања и нотираа проблеми со кои се соочуваат вработените во Клинички, за кои како што велат се акумулирани во јавното здравство.