Откако Зоран Заев и СДСМ дојдоа на власт, Република Македонија граѓаните секојдневно страдаат, криминалот по улиците царува, корупцијата е навлезена во сите пори на општеството, судството е целосно заробено од страна на власта, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Како што истакна партискиот портпарол, Димче Арсовски, граѓаните повеќе немаат доверба ниту во институциите, ниту пак им веруваат на СДСМ и Зоран Заев.

Затоа од опозициската партија го повикуваат премиерот Заев да се согласи на ТВ дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при што му оставаат тој да одбере кога, на која телевизија и со кој новинар ќе се одржи тој дуел.

Не биди кукавица, не биди плашлив, ветуваше дебата за се во општеството, ветуваше дебата дека ќе има небаре секој ден. Епа еве Зоране Заев, прифати ја понудата за ТВ ДУЕЛ уште веднаш. Немој да се криеш позади паушални изјави, повели уште веднаш прифати, кажи каде ќе се одржи ТВ ДУЕЛОТ и кога.  Граѓаните заслужуваат да го видат твоето лицемерие кон нив истакна Арсовски.

На ваквото барање од ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ реагираа дека пред да има каков било ТВ дуел, Мицкоски треба јасно да каже став за најважните прашања за иднината на Македонија, за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот од Преспа. Истовремено, од СДСМ го охрабруваат лидерот на опозицијата, да каже која е алтернативата на НАТО и на ЕУ и го прашуваат зошто е против нив.

Освен што ги брани криминалите на неговиот ментор Никола Груевски, Мицкоски досега не кажал јасен став за најважните прашања, дали е за членство во ЕУ и НАТО преку прифаќањето на Договорот од Преспа. Напротив, со своите јавни настапи, со своите активности Мицкоски јасно се профилира анти ЕУ и анти НАТО.