Како што ветија така и постапија. За време на паузата, вработените во Клиничкиот центар во Скопје ја блокираа наплатната рампа во кампусот во знак на револт против одлуката на Град Скопје за зголемување на цената на услугите за вработените во Клиниката.

Од протестот беше упатен апел до вработените во ЈП Градски паркинг да ги отвораат излезот и влезот на рампите и да се откажат од приходот во тие половина час на денот за време на протестите. Беа повикани и градските власти под итно да ја поништат одлуката, а паркингот со договор да се врати во владение на Клиничкиот центар.

Претседателот на синдикатот д-р Горан Беговиќ кажа дека одлуката за поскапување на паркингот е капка која ја преполни чашата на наталожените проблеми со кои се соочуваат вработените во Клинички и затоа јавно бараат итно решавање на проблемите кои се акумулирани во јавното здравство.

Повик беше упатен и до министерот за здравство Венко Филипче, поради актулната состојба веднаш да ја организира ветената средба со премиерот Зоран Заев.

На протестот рекоа дека ресорниот министер Филипче, на чие барање вчера беше одложена најавената блокада, не ги информирал вработените во Клиничкиот центар за исходот од вчерашните разговори со градоначалникот Шилeгов, туку состанок со нив закажал за денеска во 13 часот.