Заедничка седница помеѓу владите на Македонија и Косово ќе се одржи во Скопје, а датумот треба да го одредат премиерите на двете земји Зоран Заев и Рамуш Харадинај, во согласност со нивните агенди.

Ваква одлука беше донесена на денешната редовна 139 седница, соопштија од владината прес служба, од каде додаваат дека според информацијата што на предлог на Секретаријатот за европски прашања денеска ја усвои Владата, направени се неопходните подготовки за одржување на заедничка седница.

Од владината прес-служба информираат дека за подготовките за седницата се одвиваат разговори за дефинирање соработки меѓу двете земји, во неколку области и тоа: транспорт и инфраструктура, трговија и економски развој, соработка со дијаспората, внатрешни работи, правда, земјоделство, шумарство и водостопанство, здравство, култура и образование.