Најмалку пет пати е казнет турскиот холдинг „Лимак“ кој е изведувач на градежните активности на просторот околу Старата железничка станица, без оглед што е стратешки партнер на Град Скопје бидејќи ја гради подземната сообраќајница, изјави скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, по зачестените поплаки од страна на граѓаните дека стамбените објекти лоцирани на Јужниот булевар се подложени на загадување и прашина од градежните зафати што се реализираат во овој реон.

Заради таквата состојба, додава Шилегов, викендот кој измина градските влати спровеле акција за чистење и миење на улиците токму поради градежната прашина.

Градоначалникот рече дека очекува инспекциските служби да излезат на терен со цел да се констатира состојбата на градилиштето и да бидат изречени соодветни санкции кон било кој субјект, не само кон „Лимак“ туку и кон останатите.

Во однос на тоа колку пари во буџетот предвидува Градот Скопје за ставката животна средина, градоначалникот Шилегов рече дека буџетските средства не може да се подвојуваат бидејќи акциите како, субвенција на велосипеди, тротинети, не се во таа ставка, а директно влијаат на заштита на животната средина.

Шилегов рече дека во завршна фаза е лиценцата која Владата треба да ја додели на Град Скопје за преземање на топловоднниот систем, изборот на нов концесионер за депонијата Дрисла, како и целона реорганизација на јавниот транспорт, три сегменти рече градоначалникот, кои се главните причини на загадувањето кои треба да се потиснат со цел да се постигнат бројките кои си ги задале како цели до 2020 година.