Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, во Охрид, ќе биде домаќин на состанокот на лидерите од Процесот Брдо – Бриони, чии коорганизатори се претседателката на Словенија – Наташа Пирц-Мусар и претседателот на Хрватска – Зоран Милановиќ.
На регионалниот состанок ќе учествуваат претседателот на Албанија – Бајрам Бегај, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина – Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, претседателката на Косово – Јустина Широка-Пула, вршителот на должноста претседател на Србија – Александар Чупиќ, како и претседателот на Црна Гора – Јаков Милатовиќ.
Според агендата, состанокот ќе се одржи веднаш по официјалниот пречек на лидерите и треба да трае околу еден и пол час.
Потоа е предвидена заедничка прес-конференција на претседателката Сиљановска-Давкова и претседателите Пирц-Мусар и Милановиќ.
Сиљановска-Давкова ќе има билатерални средби со претседавачката и членовите на Претседателството на БиХ – Цвијановиќ, Беќировиќ и Филиповиќ, со претседателката на Косово – Широка-Пула, како и со вршителот на должноста претседател на Србија – Чупиќ.
Процесот Брдо – Бриони е регионална иницијатива воспоставена 2013 година од страна на претседателите на Словенија и Хрватска со цел забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и стабилноста. Покрај Македонија, Словенија и Хрватска, во Процесот Брдо – Бриони учествуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.







Comments are closed for this post.