Со потегот на вакцинирање на внуката пред камери министерот за здравство Венко Филипче сакал да покаже дека ги спроведува здравствените политики за кои се залага. Тој посочува дека неговата внука не примила МРП вакцина бидејќи е многу мала, туку вакцина која се прима во нога. Во вечерашното гостување во Топ Тема на Телевизија Телма потенцира дека повторно би го направил истото, а ги обвини политичките противници и антивакцерите дека се обидуваат да ја изместат вистината.

Се уште мислам дека личниот пример е одличен начин да се презентира во јавноста дека тоа што го мислиме и зборуваме навистина и го правиме. Затоа што личниот пример најдобро покажува дека ние во тие политики во вакцинацијата во имунизацијата навистина веруваме. Можеби ако беше таква слика а има такви слики каде што се гледа иглата, а не само адаптерот за иглата или ако се потенцираше дека се работи за друга вакцина која што се прима во ногата можеби перцепцијата ќе беше поинаква, но искрено верувам дека луѓето кои сакаат да ја извртат вистината да изманипулираат ќе го направеа и во таа ситуација. Стојам на тоа дека повторно би го направил истото. Но навистина ми е жал што и политичките противници и антивакцерите посегнуваат потоа да ја изместат вистината. Не се секирам јас за ударите врз мене, но сериозно се руши довербата воздравствениот систем, изјави Филипче.