Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски од говорницата на македонското Собрание го повика Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај за ЈП „Македонија пат“, и кривичната пријава која тој лично ја има потпишано за работењето на претходното раководство, кое претпријатието го има заглавено во долгови во висина од 34 милиони евра. Николоски во одговорот на прашањето поставено од пратеникот Борислав Крмов за состојбата и лошите услови за работа во ЈП „Македонијапат“ посочи дека состојбата е тешка или како што рече „е исклучително тешка, ултра тешка“.
Го затекнавме претпријатието со 34 милиони евра долг, сега е 25, за две години е намален за девет милиони евра. Крадел кој стигне, кај стигне. Ако литар боја за фарбање на улици, која што и не ја користеле, чинела Х денари ја наплаќале 10 пати поскапо. Да не зборувам за зимското одржување. Еве овие две години се чисти снегот, претходно пари се даваа, а снегот не се чистеше. Само за удари од кучиња – јас знам дека има кучиња, ама не верувам дека сме толкави рекордери -3,5 милиони евра се пресудени оштети. Таму има формирано една банда, една мафија на адвокати, проценители, вештаци и Бог ги знае како се викаат, и излегува дека до 2024 година, дури беше оној Константин Ацески директор што си ја тепаше жена му, кучиња секој ден удирале во возила. После 2024 година некако имаат намалено кучињава да се удираат во возила – вели Николски.
Тој посочи дека за лошата состојба во ЈП „Македонијапат“ причина се и тужби, кои се испраќаат во Стразбур.
Сојузени се со компании на кои што им се должи и сега Стразбур почна да носи одлуки долгот да им се плати, и каматата да им се плати, и по една благодарница да им дадеме, а ако ги видите цените по кои што имаат добивано тие компании се исто така далеку над пазарните. Јас неколку пати сум повикувал, еве да искористам и тука од собраниска говорница, да замолам – не знам кој друг збор освен да замолам – Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај, не мора ништо друго да работат, само да го прочитаат ревизорскиот извештај и кривичната пријава, која што јас лично ја имам потпишано. Јас не се кријам, потпишав преку 20 кривични пријави, кога бев избран и во периодот потоа од неколку месеци, како доаѓаа работите, и да истражат како таму се работело – подвлече Николски.
Тој додаде дека вработените во ЈП „Македонијапат“ сега редовно земаат плата, а К-15 ќе биде исплатен во законскиот рок. Истакна и дека сега се подмируваат добавувачите во рамки на она што е реално.
Опремата што ја имаше претпријатието е ставена во функција, сè уште се користат надворешни компании за чистење на снег, но не во обем којшто беше претходно. Се запалија асфалтните бази. Повеќето реконструкции што ги прави ЈПДП, наместо да оди на тендер, оди преку „Македонијапат“. Можете да ја отворите листата на јавни набавки на ЈПДП и таму ќе видите дека скоро и да нема во овие две години јавна набавка, односно тендер на ЈПДП за одржување на патишта. Причината е затоа што се договоривме со ЈПДП таа работа да ја дава на „Македонијапат“, па „Македонијапат“ со тие пари да враќа долгови – како што се вратија овие 9 милиони евра, од 34 на 25 и да може да ги подмирува платите на вработените и да може да им помагаме – вели Николоски.
Посочи дека се направени корекции на цените за асфалтот, а пред две седмици на Влада помината е и нова корекција на цените.
Цело време ги коригираме цените надолу, како што утврдуваме пазарот каков бил така. На пример, претходно до 2024 година ако тон асфалт бил некаде 100–110 евра, овие го фактурирале 190 евра. Една од поголемите главоболки ми е „Македонијапат“. Но, повторно молам, замолувам, апелирам – не знам кој збор да го употребам – Јавното обвинителство таму да влезе и детално да ја истражи работата – порача Николоски од собраниската говорница.







Comments are closed for this post.