Скопското основно јавно обвинителство отворило предмет по допрен глас во врска со евентуални неправилности при увозот, дистрибуцијата и употребата на вакцината МРП, во периодот од крајот на 2018 и почетокот на 2019 година.

Со таа цел надлежен јавен обвинител веќе издаде наредба до Бирото за јавна безбедност при МВР со која побара да се извршат проверки во правното лице „Македонија лек“, како увозник и дистрибутер на вакцината МРП. Од фирмата-увозник ќе треба да се обезбеди комплетната документација поврзана со увозот на вакцините и нивното етикетирање. Проверки ќе се извршат и во Агенцијата за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД во поглед на извршените контроли на увезените вакцини и евентуално констатираните неправилности. Согласно издадената наредба од јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи ќе направи проверки за случајот и во Министерството за здравство како ресорно министерство – пишува во соопштението од ОЈО.

Министерот за здравство Венко Филипче вечерва изјав дека инистерството за здравство ќе соработува со обвинителството.

Вакцините за мали сипаници беа со уреден рок, а тоа што се вклучува Основното јавно обвинителство во случајот, го поздравувам. Ќе бидеме достапни за соработка за да се расчисти оваа афера и да имаме чиста ситуација, истакна вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Се уште ги држам сите опции отворени. Ние од страна на Министерството за здравство сериозно размислуваме и за прекинување на соработката со „Македонија лек“. Внимателни сме затоа што се уште имаме договор од којшто влечеме вакцини од нив. Не сакаме да го загрозиме бројот на вакцини кои треба да бидат достапни за пациентите, рече Филипче во емисијата Топ Тема.