„360 степени“ oбјави документи кои покажуваат на каков начин се склучувале на договорите и одржувањето на прославите по повод поканата за почеток на пристапните преговори со НАТО во 2018 година. Сѐ се случувало во период од само четири дена.
Според „360 степени“, за еднодневните активности организирани на 14 јули 2018 година во Скопје и во уште 14 градови биле потрошени околу 15 милиони денари, односно приближно 244 илјади евра.

Содржината на заклучоците до кои дошле од редакцијата на „360 степени“ се совпаѓа со јавно достапниот записник од 78. седница на Владата, одржана на 10 јули 2018 година. Исплатите кон агенцијата „Артпицк“, како и кон компаниите „Дуна“ и „Пасворд продакшн“, може да се потврдат и преку базата „Отворени финансии“, при што износите се совпаѓаат со ставките наведени во доставената расходна евиденција.
Одлука на 10 јули, прослава на 14 јули
Тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ на 10 јули 2018 година одлучила четири дена подоцна да организира централна прослава во Скопје, како и настани во уште 14 градови.
Одлуката била донесена во пресрет на самитот на НАТО на 11 и 12 јули, кога се очекуваше земјата да ја добие поканата за почеток на пристапните преговори.
За организацијата бил формиран одбор составен од националниот координатор за култура и двајца советници во кабинетот на премиерот. Нивна задача била да ги изберат уметниците и водителите, да подготват сценарија и да го предвидат присуството на владини делегации во градовите.
Генералниот секретаријат на Владата бил задолжен да спроведе набавка за ангажирање агенција за логистичка организација, а тогашниот генерален секретар Драги Рашковски требало да го потпише договорот „во најкус можен рок“ по одлуката на комисијата.

Рашковски добил и задолжение за набавката поврзана со бините, осветлувањето и озвучувањето.
Набавките започнале истиот ден
Двете доставени одлуки за набавки се со датум 10 јули 2018 година, истиот ден кога е одржана владината седница.
Едната набавка се однесувала на изнајмување и ракување со аудио и видеоопрема, со проценета вредност до 70 илјади евра без ДДВ. Втората била за организација на настаните, со проценета вредност до 40 илјади евра без ДДВ.
Во доставениот договор со компанијата „Дуна“ стои дека техничката документација за набавката е изготвена на 10 јули, а понудата е доставена на 11 јули.
Договорот бил потпишан на 13 јули, само еден ден пред одржувањето на прославите. Неговата вредност била 4.923.850 денари со ДДВ, односно околу 80 илјади евра.

Во расходната евиденција е наведена и фактура од „Пасворд продакшн“ во износ од 2.541.425 денари, односно околу 41.300 евра, за организација на настанот. Меѓу доставените документи нема договор со оваа компанија.
Исплатите кон двете компании се потврдени преку „Отворени финансии“, при што износите се идентични со оние наведени во доставената документација.
Хронологијата, според документите, покажува дека клучните одлуки, набавки и договорни чекори биле реализирани во период од само четири дена.
Над 122 илјади евра за музичари и уметници
Најголемата ставка во расходната евиденција се однесува на ангажираните музичари и уметници.
Во табелата се наведени 46 ставки, со вкупна вредност од 7.531.092 денари, односно околу 122.500 евра.Меѓу нив се наведени, на пример, 899.438 денари за електронски музичар и продуцент, 553.500 денари за фронтмен на рок-група и 207.563 денари за саксофонист.
Проверка на „Отворени финансии“ покажува 45 трансакции од Владата кон „Артпицк“ што се совпаѓаат со 45 ставки од доставената табела. Осум од нив се реализирани на 13 јули 2018 година, во вкупен износ од 3.570.078 денари, а 37 трансакции се од 1 август, во вкупен износ од 3.916.014 денари.
Вкупната вредност на овие 45 трансакции е 7.486.092 денари.
Преостанатата ставка, во износ од 45 илјади денари, не може еднозначно да се поврзе со конкретна трансакција, бидејќи во базата постојат повеќе исплати со истиот износ. „Отворени финансии“ ги потврдува трансферите кон „Артпицк“, но не ги идентификува поединечните изведувачи.
Според доставената расходна евиденција, кога ќе се соберат трошоците за изведувачите, техничката опрема, организацијата и медицинското обезбедување, вкупниот трошок за прославите на 14 јули 2018 година изнесувал околу 15 милиони денари, односно приближно 244 илјади евра.
Извор 360 степени







Comments are closed for this post.