Плата за март оваа година, до 15 април не исплатиле 14.998 фирми за вкупно 54.662 вработени, изјави денес на прес конференција директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, одговарајќи на новинарско прашање.

За февруари, пак, тоа не го сториле над 3.700 фирми за речиси 10 илјади вработени, рече Лукаревска.

Таа нагласи дека бројката најверојатно се должи на очекувњата за исплата на финансиската помош за исплата на плати и дека УЈП се уште не започнала со присилна наплата или со опомени за неисплатени плати.

Инаку, на прес-конференцијата министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на УЈП Лукаревска истакнаа дека барањата за финансиска поддршка ќе може да се доставуваат до крајот на овој месец.

Сите обврзници кои што ја имаат исплатено платата за февруари и март 2021 година може да испратат исправки на МПИ пресметките со внесување шифра за финансиска поддршка, а оние кои што не ја исплатиле платата треба повторно да ја поднесат пресметката, објасни Лукаревска.