Амал Хусаин, седумгодишното девојче чијашто слика објавена во „Њујорк тајмс“ минатата седмица го привлече вниманието на целиот свет, починало, објави весникот. Девојчето починало од неухранетост во камп за бегалци на сверот од Јемен, пишува весникот, цитирајќи ја нејзината мајка.

Моето срце е скршено. Амал секогаш се смееше. Сега сум загрижена за останатите деца – изјавила Мариам Али, мајката на починатото девојче.

Фотографијата што ја направи добитникот на Пулицеровата награда, Тајлер Хикс, на која се гледа слабото девојче како лежи на кревет во мобилната болница на УНИЦЕФ во Аслам ги погоди луѓето ширум светот и предизвика реакции поради кризата којашто Обединетите Нации ја нарекуваат најсериозна на светот.

По објавувањето на неговата фотографија, Хикс изјави дека фотографирањето на Амал било многу тешко и срцепарателно, но истовремено и важно затоа што сумирало колку е трагична ситуацијата и колку е сериозен проблемот со гладот во Јемен.

Интервенција на Саудиска Арабија

Во Јемен, кој е најсиромашната држава во арапскиот свет, трае разурнувачка граѓанска војна од септември 2014 година, кога бунтовничкото движење Хуси ја освои престолнината Сана и го симна од власт претседателот Абд-Рабу Мансур Хади и неговата меѓународно призната влада.

Загрижени поради можноста за јакнење на Хусите, за кои Саудиска Арабија верува дека се поддржани од регионалниот ривал, Иран, Саудијците заедно со Обединетите Арапски Емирати почнаа воена интервенција во Јемен во 2015 година, со цел враќање на владата на Хади.

Таквата интервенција најмногу ги погоди цивилите и однесе намалку 10.000 животи од нејзиниот почеток, наведуваат од ОН. Сепак, таа бројка одамна не е обновена, па така, според некои проценки за време на саудиската воена интервенција се убиени околу 56.000 граѓани на Јемен.