Европскиот парламент денеска го одобри „Извештајот Саргентини“ со кој се бара од Европската Унија да го суспендира правото на глас на Унгарија во ЕУ, поради нарушување на владеењето на правото во земјата. Иако одлуката допрва треба да биде едногласно одобрена од земјите членки на ЕУ, денешното гласање во Европскиот парламент е без преседан, бидејќи никогаш досега земја – членка не била соочена со конкретна закана за активирање на членот 7 на Повелбите на ЕУ.

Членот 7 предвидува суспендирање на правото на глас на една земја – членка доколку таа ги прекршува правилата и вредностите на ЕУ. За одобрување на членот 7 денеска беше потребно двотретинско мнозинство од присутните европратеници. Предлогот беше усвоен со 448 гласови „за“ и 197 „против“.

Извештајот “Саргентини“, според холандската пратеничка, ја обвинува Владата на Орбан за злоставување на мигрантите и нивните права, ограничување на слободата на медиумите, за корупција и конфликти на интерес, прекрушување на владеењето на правото и „стереотипни однесувања“ кон жените.

Во својот извештај Политико констатира дека „не требало да се чека на говорот на претседателот на Европската комисија Жан Клод  Јункер. Тешката состојба во ЕУ целосно се виде во Стразбур кога високи претставници на ЕУ му се нафрлија на унгарскиот премиер Виктор Орбан за „загушување на демократските слободи и за поткопување на основните права“. Меѓутоа, Орбан возврати обвинувајќи ги чуварите на европските договори за „хипокрити“, за „злоупотреба на власта“ и за „кршење на националниот суверенитет на Унгарија“.

Сесијата заврши кога Орбан му се нафрли на еден од неговите најжестоки критичари, Гиј Верхофштат, поранешниот премиер на Белгија, а сега лидер на либералите и демократите (АЛДЕ).

„Тој веќе не е во салата но изгледа дека ја сака Европа, но всушност ги мрази христијанските демократи“.

Од друга страна, потпретседателот на ЕК, Франс Тимеманс огорчен од говорот на Орбан порача дека иако тој се претставува како шампион на христијанска Европа, всушност не сака да им дава храна на бегалците.

Пораката која како клучна е испратена од ЕП е дека ЕУ не се бори за правата на христијаните, туку за човековите права.