Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ги идентификувала двете лица кои Британија ги осомничи за труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка со нервниот гас „новичок“, тврдејќи дека тие се цивили.

„Занаеме кои се, ги пронајдовме“, рече денеска Путин на економскиот форум во источниот град Владивосток.

„Секако, тие се цивили“, рече Путин очигледно одговарајќи на тврдењето на британската влада дека за труењето на Скрипал се одговорни двајца членови на руското воено разузнавање.

Тој додаде дека нема „ништо инкриминирачко“ за двајцата мажи и дека се надева оти тие ќе излезат и ќе ја кажат нивната приказна. „Тоа ќе биде подобро за сите“, рече Путин.

Велика Британија и нејзините сојузници ја обвинуваат Русија за нападот, но Москва негира вмешаност.

Британските власти рекоа дека е издадена европска потерница за двајца Руси, идентификувани како Александар Петров и Руслан Боширов, иако се сомнева дека имињата се псевдоними.