Експертска група на Обединетите Нации смета дека Белгија треба да им се извини на Африканците за злосторства направени за време на колонијалниот период.

Експертската група на ОН за лица со африканско потекло помина една недела во Белгија и оствари средби со невладини организации и претставници на белгиските власти. Заклучокот од студијата е дека во Белгија постои молк за колонијалното минато и дека земјата треба да се соочи со него.

Се чини дека има ѕид на молк околу колонизацијата. За да може да има вистинско помирување и процесот на деколонизација да продолжи, сметаме дека извинување од страна на белгиската држава би бил прв чекор – изјави членот на експертската група на ОН, Ахмед Реид.

Претседателот на експертската група, Михал Балцежак, бара од властите на Белгија да усвојат и национален акциски план за борба против расизмот.

Пронајдовме јасни докази дека расната дискриминација е ендемска во институциите во Белгија. Лицата со африканско потекло се соочуваат со дискриминација во однос на економските, социјалните и културните права – посочија од групата на крајот на својата посета на Белгија.

Експертите сметаат дека земјата треба да ги ревидира и учебниците за да бидат вклучени злосторствата и трагедиите од колонијалната ера на историски точен начин.

Една од најмрачните епизоди во колонијалното минато на Белгија е улогата на кралот Леополд Втори во Конго, тема со која ниту учебниците, ниту општеството се соочуваат целосно. Споменици и улици сѐ уште го носат името на овој контроверзен крал, за кого бројни историски истражувања покажуваат дека владеел на исклучително суров начин со народот во Конго.

ОН го критикува и фактот што Белгија не води етнички статистики што оневозможува да се утврди дали политиките за борба против расизмот вродуваат со плод и ги прави лицата со африканско потекло невидливи за институциите. Експертите искажаа и „длабока загриженост“ што потомците на Африканците во Белгија не се доволно застапени во институциите, во судовите, полицијата, политиката и Владата и дека не е констатиран напредок во овој поглед во последните 14 години.

Во септември, групата ќе објави целосен извештај со препораки до Комитетот за човекови права на ОН за овој случај.