Признавањето автокефалност на Украинската црква може да предизвика напади врз манастирите и судири во нив, предупредува рускиот митрополит, Иларион, кој е и претседател на Одделението за надворешни работи во Московската патријаршија.

Оваа негова изјава доаѓа во момент на затегнати односи меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија, која е на пат да признае автокефалност на канонски непризнатата Киевска патријаршија, со што таа ќе стане независна од московскиот патријарх Кирил.

Одземањето права на Московската патријаршија од страна на Украинската православна црква, може да предизвика сериозни последици. Може да се очекува расколниците да преземат контрола врз големите манастири. Тогаш православните верници ќе ги штитат тие места и може да се случи крвопролевање, изјави митрополитот Иларион во интервју за РТ.

Поради овој проблем, Руската православна црква во петокот ги прекина дипломатските односи со Вселенската (Цариградска) патријаршија, која има надлежност над 300 милиони православни христијани.

Портпаролот на руската црква, Владимир Легојда, соопшти дека Светиот синод одлучил да го откаже учеството во сите структури во кои претседаваат или копретседаваат претставници на Вселенската патријаршија. Ќе престанат и сите заеднички служби, а патријархот Кирил нема повеќе да го спомнува цариградскиот патријарх Вартоломеј Први во своите молитви, се наведува во одлуката на Синодот.

Кремљ нема да се меша.

Иако проблемот на Руската црква и Вселенската патријаршија забрзано ескалира, од официјална Москва засега се воздржани. Како што изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, ги нарече извештаите за претстојните поделби вознемирувачки, но додаде дека за Москва единствено посакувано сценарио е сочувување на православниот свет.

Украинската црква е долго време функционира во рамките на Руската црква, но до разидување меѓу црквите дојде во текот на кратката независност на Украина по падот на Руската империја и повторно по распаѓањето на комунизмот 1991 година.