Македонската фудбалска репрезентација на најдобар можен начин ги почна настапите во Лигата на нации, новото репрезентативно натпреварување на УЕФА. Двете победи, против Гибралтар на гости и против Ерменија на домашен терен се голем чекор напред кон целта наречена пласман на Европско првенство, а истовремено се и продолжување на најдобрата серија без пораз во историјата на нашата репрезентација.
За значењето на максимално успешниот старт во Лигата на нации, но и за потребата да не се препуштиме на еуфорија пред следните предизвици, во интервју за ПресингТв говори селекторот на фудбалската селекција, Игор Ангеловски.
Тој го дава и своето мислење за моменталната состојба во којашто се наоѓа ФФМ и пред се за најавената желба на Горан Пандев да застане на чело на Фудбалската федерација.
П: Ни дава ли Лигата на нации нова, поголема шанса за пласман на едно Европско првенство?
О: Самото натпреварување е замислено од УЕФА за да им се даде можност на условно помалите репрезентации, во натпревари меѓу себе да го одредат најдобриот што би добил шанса да игра на едно Европско првенство.
П: Колку двете победи на стартот од Лигата на нации не носат поблиску до баражот за ЕП?
О: Рано е да говориме за пласман на Европското првенство, затоа што се уште сме на самиот почеток од ова натпреварување. Добро е што стартувавме со две победи, но и по дуелот со Ерменија кажав дека ништо не е готово. Има уште многу дуели и мора да сме максимално концентрирани на следниот натпревар. Добро е и што остваривме две победи, а притоа не го прикажавме најдоброто од нас, затоа што мислам дека тоа што го покажавме на овие две средби не е нашиот максимум и сметам дека од дуел во дуел ќе играме се подобро и ќе бележиме подобри резултати.
П: Загрижува ли тоа што и против Гибралтар и против Ерменија имаше периоди со пад на квалитетот во играта на репрезентацијата?
О: Во овие две средби покажавме еден нов квалитет на репрезентацијата, а тоа е да се одигра на резултат, затоа што резултатот беше во прв план. Добро е што Македонија почна да победува и кога не игра добро. Јас сум сконцентриран само на следниот натпревар што не очекува против Лихтенштајн. Фудбалерите знаат како треба да се однесуваат во репрезентацијата, подолго време сме заедно, оформен е тој костур на екипата и сето тоа ни носи добри резултати. Затоа не гледам причина нешто да менуваме од тој аспект.
П: Дали во домашното првенство има квалитетни фудбалери што би биле кандидати за влез во репрезентацијата?
О: Ако се вратиме назад шест месеци или година дена, имавме осум до девет фудбалери од домашното првенство, а истите тие направија трансфери надвор. Тоа се играчи како Стефан Спировски или Бобан Николов, коишто пред една година беа во Вардар, а сега се во Ференцварош и Видеотон. Јас ги следам сите натпревари од домашниот шампионат и знам дека и таму има квалитет, така што заклучокот зошто во репрезентацијата се намали бројот на играчи од домашното првенство е што голем број од нив направија трансфери во странство.
П: Загрижува ли фактот што поголемиот број од дефанзивците како Дарко Велковски, Ѓоко Зајков или Кире Ристевски имаат проблеми со повреди или мала минутажа?
О: Најоптимално би било кога сите репрезентативци би имале максимална минутажа во своите клубови, но што е тука е и ние се прилагодуваме на она што го имаме на располагање. На натпреварот со Ерменија настапи Егзон Бејтулаи, така што со него добивме уште една опција плус во одбраната и мислам дека нема да имаме проблем со овој дел од тимот.
П: Стравува ли Игор Ангеловски за позицијата селектор по доаѓањето на нов Претседател на ФФМ?
О: Воопшто не стравувам. Се знае што е мерило за мојата работа, тоа се резултатите, така што ниту се оптоварувам, ниту имам право да влијаам на тој процес, ниту, пак, ме интересира кој е на чело на Федерацијата. Тоа што мене ми е најважно е ние како стручен штаб и фудбалерите да ги добиеме оптималните услови за да можеме да ги реализираме натпреварите. Мене ме интересира само спортскиот дел и можам да кажам дека ги имаме сите предуслови за подготовки, за патувања, за сместување, така што немаме никаков проблем во реализацијата на плановите на А репрезентацијата.
П: Ја има ли Горан Пандев поддршката на Ангеловски за кандидатура за претседател на ФФМ?
О: Горан Пандев е нашето најголемо фудбалско име и треба да ни биде чест доколку Горан Пандев сака да биде Претседател на фудбалската федерација, без оглед дали Игор Ангеловски ќе биде селектор или нема да биде селектор. На сите треба да им биде чест ако Пандев сака да биде на чело на Федерацијата и од мене во која било позиција, без оглед дали сум селектор или не, ќе ја има мојата поддршка.
П: Која е оценката за расплетот на Светското првенство во Русија?
О: Франција го направи она што требаше да го направи еден светски првак. Играше константно зрело на сите натпревари, играше на резултат и иако можеби немаа некоја фудбалска убавина во играта, Французите беа толку доминантни што на противниците не им дадоа ниту можност да се понадеваат дека може нешто да направат на тие дуели.
Рамно на нивниот успех е и пласманот на Хрватска. За мене е исто како и тие да го освоија Мундијалот, затоа што огромен успех е да играш финале. Притоа, тоа сосема го заслужија со игрите прикажани на терен, со тоа што елиминираа многу фаворити од пред почетокот на Светското. Тие две репрезентации го одбележаа тоа што беше позитивно. А имаше и доста негативни, како Германија што не успеа да ја помине групата, Аргентина којашто сите ја сметаа за еден од најголемите фаворити, а едвај ја помина групата, Португалија како европски шампион…
П: Кој играч го има гласот на Игор Ангеловски за наградата за најдобар фудбалер на годината?
О: Лука Модриќ. Затоа што ја освои Лигата на шампионите и беше убедливо најдобар поединец во редовите на Хрватска на Светското првенство.
Comments are closed for this post.