Двете победи против Гибралтар на гости со 2:0 и против Ерменија дома со истиот резултат, за македонската фудбалска репрезентација значат одличен почеток на настапите во Лигата на нациите, но истовремено значат и продолжување на најдолгата серија без пораз во историјата на нашето репрезентативно постоење.

Со овие два триумфа, Македонија е во низа од девет средби без загубен натпревар. Во тие девет натпревари, петпати славевме победа, а четири натпревари одигравме нерешено. Гол разликата во тој период ни е одлична, односно 14 постигнати и само три примени голови.

Успешната серија на нашата фудбалска репрезентација трае повеќе од една година. Последен пат нашите фудбалери поразени го напуштија теренот на 11 јуни минатата година, кога во квалификациите за Светското првенство загубивме од Шпанија со 1:2.

По тој дуел, на 2 септември, исто така во квалификациски дуел, го совладавме Израел со 1:0, што беше и почеток на серијата без пораз, која ја продолживме со триумфите против Гибралтар и Ерменија.

Низата средби без пораз

02.09.2017  –  Израел – Македонија 0:1

05.09.2017  –  Македонија – Албанија 1:1

06.10.2017  –  Италија – Македонија 1:1

10.10.2017  –  Македонија – Лихтенштајн 4:0

11.11.2017  –  Македонија – Норвешка 2:0

23.03.2018  –  Финска – Македонија 0:0

27.03.2018  –  Азербејџан – Македонија 1:1

06.09.2018  –  Гибралтар – Македонија 0:2

09.09.2018  –  Македонија – Ерменија 2:0

Со Дончевски најдобра серија победи

За разлика од сегашната серија од девет средби без пораз, најдобрата низа на победи ја остваривме уште на почетокот на настапите како независна држава. Тоа се случи во 1993 и 1994 година, во времето кога селектор ни беше Андон Дончевски. Тогаш славевме триумфи на четирите први средби, сите од пријателски карактер, што ги одигравме како репрезентација на Македонија.

Почнавме со триумф против Словенија на гости со 4:1, по што следуваа домашни победи против Словенија со 2:0, против Албанија со 5:1 и против Естонија со 2:0. Таа серија ја сопреа Турците коишто не победија на домашен терен со 2:0.