Македонската кошаркарска репрезентација ја победи селекцијата на Романија со 90-76 со што дојде до вториот триумф во вториот натпревар од втората фаза од претквалификациите за Евробаскетот во 2021 година.

Убедливата домашна победа против Романците, заедно со триумфот на гости против Косово во четвртокот не ставаат во одлична позиција во борбата за првото место во групата, што води во главната фаза од квалификацискиот циклус.

Лидери на нашата селекција беа Бојан Трајковски и Војдан Стојановски, со по 21 постигнат поен, а двоцифрен учинок имаа и Ричард Хендрикс со 14 и Александар Костоски со 13 поени. Кај Романците најефикасен беше Вотсон со 17 постигнати поени.

Следниот предизвик за нашите кошаркари е на 2 декември, кога во Скопје ја пречекуваме селекцијата на Косово.