Косовскиот претседател Хашим Тачи, обраќајки им се на новинарите рече дека таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина ќе се укине само откако Белград ќе ја признае независноста на Косово.

„Таксата е исправна и легитимна одлука, треба да остане во сила и не треба некој да ја гледа како дополнителен критериум за визна либерализација за косовските граѓани“, изјави Тачи.

Косовскиот претседател ова го изјави пред заминувањето во Словачка, една од петте членки на Европската унија кои се уште ја немаат признаено независноста на Косово, каде ќе учествува на меѓународен форум во Братислава.

„Ова е прва можност на претседателско ниво да го претставувам Косово на овој форум, каде што ќе се расправа за косовската актуелност и каде ќе ги претставам достигнувањата на нашата држава. Ќе биде тоа можност да се расправа и за дијалогот меѓу Косово и Србија и за изгледите да се постигне еден историски договор. Повторно ќе го нагласам прашањето на визната либерализација. Оваа дискриминација и изолација на нашите граѓани мора да заврши“, изјави Тачи.

Тој пред заминувањето рече дека нема да има посебна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, туку може да разговара со него на панелот на кој ќе стане збор за дијалогот меѓу Косово и Србија.