Бугарскиот претседател Румен Радев побара навремена реакција од соодветните институции во Бугарија и С.Македонија за бугарските сонародници, кои се соочуваат со проблеми, информираат на претседателската прес-служба, пишуваат бугарските медиуми. Реакцијата на Радев е предизвикана од писмо на етничките Бугари од РСМ во кое тие изразуваат загриженост од нивното континуирано дискриминирање.

Претседателот смета дека човековите права и заштитата од дискриминација се основа на демократијата. Тие се и фундаментален дел од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.

Според шефот на државата, почитувањето на слободното право на самоопределување на бугарските сонародници во РСМ, кои наспроти сите репресии во текот на тоталитарното минато го сочувале и продолжуваат отворено да го изразуваат својот бугарски национален идентитет е клучен чекор за развој на добрососедските односи меѓу двете држави.

Бугарите во РСМ треба да имаат еднакви права со останатите граѓани во државата, во согласност со највисоките светски и европски стандарди. Тој основен принцип на демократијата е поставен и во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.

Претседателот Радев го поддржува повикот во писмото до бугарските институции да ја олеснат процедурата за добивање бугарско државјанство за отворено изразување на бугарскиот идентитет во РСМ, а институциите во РСМ да ги создадат сите услови и да им го гарантираат правото на слободно и јасно да се самоопределат како Бугари според потеклото, во согласност со принципите на меѓународното право.