Како лекција за Македонија може да послужи соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи околу заштитата на своето малцинство, во конкретниот случај во Албанија.

Македонија со договорот со Бугарија, како и со Преспанскиот договор се обврзува да не се меша во внатрешните работи на Софија и на Атина, односно и уставно ќе декларира дека нема да отвора какви било прашања со македонското малцинство во тие земји, па дури нема да поставува ниту прашање дали таму воопшто има Македонци и дали тие , на пример ќе бидат опфатени во пописите.

Министерството за надворешни работи на Грција вчера (11.12.2018) во соопштение на својата веб страница објави соопштение во врска со плановите на албанската влада за развој на туризмот.

„Изразуваме наша длабока загриженост во однос на неодамнешната одлука на Министерскиот совет во Албанија арбитрарно да му додели земјиште на Министерството за туризам со цел развој на туризмот, кое вклучува и приватно земјиште кое им припаѓа на членовите на грчката национално малцинство. Таквата одлука е спротивна на Европската конвенција за човекови права како и со судските пресуди во Албанија“, се вели во соопштението.

Грчкото МНР додава дека и одлуката како и предложениот закон во Албанија претставуваат флагрантно кршење на човековите права, вклучително и правото на сопственост за грчкото автохтоно национално малцинство во Албанија.

„Вакви акции не се во согласност со декларираните европски аспирации на Албанија и се спротивни на релевантните обврски. Ја повикуваме владата во Албанија да ја повлече одлуката и да го преиспита законот, како и да обезбеди сопственичките права веднаш да бидат гарантирани за сите законски сопственици без исклучок“.

На крај, МНР порачува дека и понатаму ќе го следи развојот на настаните.

Јасно е дека Грција на располагање има повеќе меѓународни механизми за да ги застапува и брани интересите на грчкото малцинство во Албанија. Има на располагање и други дипломатски средства и механизми. Може на пример да се закани со вето за членството во ЕУ.

Прашањето – каде е тука Република Македонија и нејзиното национално малцинство и што таа сега или во иднина ќе презема во негова заштита?