Договорот од Преспа е вистинско достигнување смета евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој додава дека процесот бил тежок, болен, но лидерите во Европа го препознале тоа, и го ценат договорот и тоа што тој значи за двете земји.

Жбогар во интервју за Радио Слободна Европа вели дека е прилично сигурен дека ќе го имаат тоа предвид кога во јуни ќе решаваат за отворање на преговори.

„За да се постигне договорот од Преспа беа потребни решителност, посветеност и лидерство од двете страни. И тоа го видовме со потпишувањето, преку процесот на ратификација во Собранието, а јас сум оптимист дека тоа ќе го видиме и во Грчкиот парламент многу брзо. Останувам оптимист и гледам посветеност кај двете страни целосно да го спроведат договорот“,  истакнува евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Жбогар посочува дека не треба да се размислува за негативни сценарија, туку да се фокусираме на исполнување на реформите.

Знаете, да се постигне Преспанскиот договор, да се ратификува, да се смени Уставот, тоа бара многу посветеност, решителност, сила и самодоверба како нација. Само треба да го искористите истото во спроведување на реформите. Ако ја видиме истата искрена посветеност кај реформите, не мислам дека треба да се грижите за тоа што ќе се случи во јуни“, вели Жбогар.

Во врска со Законот за употребата на јазиците, Жбогар вели дека Уставот и законите се многу јасни во однос на надлежностите на властите кои се однесуваат на усвојување, објавување и прогласување на законите.

„Не е до нас да оценуваме. Мислам дека Уставниот суд е единствениот кој може да оцени како Уставот се спроведува или дали правилно се спроведува, истакнува евроамбасадорот Жбогар.