Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на денешниот централен митинг во Скопје порача дека Македонија ќе добие вистински претседател кој влече напред.

„Граѓаните имаат потреба од претседател на својата држава и конечно, по 10 години ќе добиеме претседател на државата, човек кој ќе влече напред, Стево Пендаровски. Не знам што вели задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Будимпешта, ама знам дека Македонија ќе добие претседател, европски претседател. Одиме напред со Стево Пендаровски“, рече Заев.

Во својот говор, Заев потенцираше дека државата бележи голем напредок во економијата и вети плата од над 500 евра до 2020 година.

„Не беше лесно, но се обединивме против режимот. Воведовме реформи и воспоставивме правна држава. Ние сме веќе дел од НАТО. Одиме кон ЕУ, очекуваме Унијата да ги вреднува реформските резултати и летоска да добиеме датум за почеток на преговорите. Имаме рекорден износ на странски инвестиции од 624 милиони евра. Невработеноста падна на 19,4 отсто. Просечната плата за една година за зголемивме за осум проценти. Ви ветувам 2020 година ќе има просечна плата над 500 евра“, рече Заев.