„Нема многу алтернатива во изборот на овие избори. Од другата страна нема ништо,празна слама, нема ставови, нема понуда,  има само назад, нови поделби, има теории дали ќе се поништи договор или не, никој не кажува како без НАТО и ЕУ, а сите сме во државата за НАТО и ЕУ“, рече претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, на вечерашната  трибина во Прилеп.

Тој потенцираше дека поминало времето на политиканство и политики, време е за одлуки.

„На овие избори имаме едноставен избор. Имаме човек кој што е создаден за претседател. Стево Пендаровски е човек кој не ги дели граѓаните по ниеден основ. Зад Пендаровски стојат сите етнички заедници“, истакна Заев.

Лидерот на СДСМ рече дека Пендаровски  ќе биде претседател на сите граѓани.

„Пендаровски нема да му должи ни на Заев, ни на никој. Доста беше претседател кој прима наредби. Јас сум премиер во оваа земја, ама претседателот е прв и ќе си го слушаме. Кога ќе треба и ќе не мава. Застанавме сите за да се чувствува должен према сите. Конечно, јас како премиер ќе имам претседател со кој ќе можам да работам. Гледавте дека немавме предрасуди, одевме кај Иванов, можевме заедно да бидеме во историските мигови. Еден ден ни водичка не ни даде со Димитров, па по две минути си отидвме. Еве не денеска на година и повеќе после постигнатиот договор. Ние не сме Северномакедонци, ние сме Македонци. Во личната карта во ОН стои Македонци кои зборуваат македонски јазик, без никаква фус нота. Имаме земја признаена од сите и никој повеќе нема да не оспорува. Конечно е признаен етничкиот Македонец со македонски јазик, за тоа се бореа нашите предци“, рече Заев.