Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” Гордана Сиљановска – Давкова на митингот во Охрид порача дека ако биде избрана нема да може веднаш да го смени името. Според неа името ќе се заштити кога ќе се избере Уставен суд кој со знаење и морал ќе се однесува кон ова прашање.

Не велам дека ако ме изберете веднаш ќе го сменам името, тоа е невозможно. Но, сигурна сум дека ова име ниту има корен, ниту може да има иднина. Ќе дојде одговорен парламент, што ќе ја почитува опозицијата и државнички ќе се однесува кон најважните прашања, ќе дојде на нов состав на Уставен суд што ќе го брани Уставот со знаење ама и со морал. Тогаш ние еден ден со една уставна промена важна ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост.

Според Сиљановска власта ветуваше реформи, владеење на правото, економски просперитет, стручна и компетентна администрација, независно судство, борба со корупцијата, но сега во државата има хибриден режим, авторитарен систем со вредносен морален политички и економски регрес. Наместо парламент едногласно комунистичко собрание, наместо правосудство реваншизам и селективна правда.

Ние сме во моментот разочарани, понижени, навредени, но длабоко мотивирани во својата борба и мирни. Зошто мирни? Зошто веруваме во Македонија. Тие се вознемирени зошто во химната ја нема Северна. Треба да победиме на  претседателските избори за да ја делегитимираме власта и се што стори за овие две и пол години, треба да отвориме пат за предвремени парламентарни избори, за ново парламентарно мнозинство што ќе води сметка за Копенхагеншките критериуми оти не се оди во Европа само со договор, рече Сиљановска.

Говорејќи за аспирациите за ЕУ и датум за преговори во Јуни таа се осврна на најавите на Мицотакис за вето од грчка страна и запраша што станува со промената на името во таква ситуација. Сиљановска вети дека ќе го очитува Уставот и законите, ќе го користи правото на вето секогаш кога тоа е потебно и ќе бара да ги образожува нејзините ставови во парламентот.