Владата на денешната седница донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорачува на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.

„Владата им препорачува на општините Охрид и Струга во рок од десет дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање“, стои во соопштението на владината прес-служба.

Овие три министерства со одлука на денешната седница се задолжени да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за прогресот во имплементација на препораките.

„Владата на седницата  ја усвои Информацијата за учеството на делегацијата на Република Северна Македонија на 43-тиот состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, и уште еднаш ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на Охридскиот регион како светско наследство впишано во листата на УНЕСКО“, наведува прес-службата.