На јасно сме дека до членството ќе поминат можеби уште 5, 7 или 10 и повеќе години, но ЕУ е неопходно да ги исполни своите ветувања, да ни овозможи да го направиме следниот чекор, истакна премиерот Зоран Заев во емисијата „Conflict zone“ на „Дојче веле“ на англиски јазик.

За жал, според премиерот, ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Република С Македонија и сега разочарувањето е навистина големо.

Премиерот Заев вели дека европеизацијата и членството во ЕУ немаат алтернатива, пред сè поради вредностите на Унијата, кои значат подобра и просперитетна иднина, но додаде дека земјите од Западен Балкан, кои се како своевиден остров оставен во ЕУ, на овој начин се оставаат на можноста да се соочат со други влијанија.

Дали ваквиот став на премиерот претставува разочарување или соочување со реалноста е една работа, но сосема друга е што тој велеше пред точно една година. Во екот на кампањата за минатогодишните предвремени парламентарни избори, на пример, во своите настапи тој знаеше да каже:

По цела деценија стагнирање, денес Северна Македонија е 30. земја членка на НАТО и имаме одлука со која наскоро започнуваме преговори за членство во ЕУ. Членството во НАТО значи дека нашите граници се трајно обезбедени, нашата безбедност е загарантирана. Тоа значи и нови инвестиции, нови работни места и повисоки плати за сите. Тоа е пристап на пазар од 4 милијарди евра годишно, пазар за нашите, домашни компании.  Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ. Членството во НАТО е влезница за ЕУ. Оваа година целосно заслужено почнуваме преговори со унијата. Подготвени сме, знаеме и можеме, со новата Влада предводена од СДСМ до 2024 да отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ.

Значи, за четири години, од кои една веќе помина, премиерот ветуваше дека ќе отвори 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ. По последниот настап пред Дојче веле, се поставува прашањето колку години ќе му требаат за реализација на останатите 20% од поглавјата-5, 7, 10 или повеќе? Ова, нормално, ако воопшто ги почне преговорите годинава, зашто, нели, за него и за неговиот владејачки СДСМ „зборот е збор“!?

Оваа вербална антилогика се надополнува и со уште една, анкетна антилогика и тоа со само еден сегмент од нарачаната анкета за политичко разубавување и шминкање на СДСМ и Заев со помош на познатата квиз-алатка „повикај пријател“. Овојпат од соседна Бугарија, во ликот и делото на отворениот негатор на македонскиот идентитет и еден од основачите на агенцијата Брима-Македонија, Андреј Рајчев.

Повикувајќи се на резултатите од нарачаната анкета, од СДСМ наведоа дека огромно мнозинство од македонските граѓани остануваат посветени на европската агенда. Па така, на прашањето: „Што е подобро за нашата земја, да стане или да не стане членка на ЕУ?“, огромни, дури 76,3 отсто од испитаниците одговориле дека е подобро да станеме членка на ЕУ, а само 19,8 отсто одговориле дека е подобро да не станеме членка на ЕУ, што значело оти нашите граѓани биле силно поставени на европскиот курс, дека не гледаат алтернатива на ЕУ.

Но, само ден-два порано, истражувањето на „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кој е кооснован од ЕУ, покажа дека поддршката за пристапување на Македонија во ЕУ е падната на 53 отсто! Ова е најлош резултат до сега, зашто поддршката за членство во ЕУ во Македонија секогаш била над 70 отсто.

На прашањето, дали мислите дека членството во ЕУ ќе биде добра работа, лоша работа или ниту добра, ниту лоша работа за вашата економија, 53 отсто од испитаниците од Македонија одговориле дека ќе биде добра работа, 33 отсто дека ќе биде ниту добра, ниту лоша работа, а 11 отсто дека ќе биде лоша работа.

Очигледно, постои огромна разлика од 17% меѓу податоците на Брима-Македонија и Балкан барометар 2021.