Бугарите и македонските Бугари во Бугарија и во Република Македонија веќе го прославија Илинден, денот на Илинденско-Преображенското востание од 1903 година. Со пригодни чествувања, тоа го сторија уште пред два дена, на 20 јули.

Така, Македонскиот научен институт организираше скромна свеченост во центарот на Благоевград, додека Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, заедно со Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола, претставници на бугарската партија ВМРО-БНД и на Здружението за македонско-бугарско пријателство во селото Смилево организираа поклонение пред споменикот на основачот на, како што пишуваа, ВМРО, смилевчанецот и битолчанец Даме Груев.

Бугарсксата прослава на Илинден е според верскиот календар, што го користи Бугарската православна  црква.

Ние, пак, Илинден го прославуваме на 2 август, според Јулијанскиот календар, што го користи Македонската православна  црква-Охридска архиепископија. Истиот календар го користат уште СПЦ, Руската православна црква, Украинската православна црква и Источните цркви, вклучувајќи ја и Вселенската патријаршија.

Оттука и прашањето според кој календар заеднички ќе се чествува Илинден или денот на Илинденското востание? Според македонскиот или според бугарскиот? Или, пак, во името на добрососедството, пријателството и соработката ќе биде ни по мое, ни по твое, туку таму некаде на средина, околу 27 јули?! Зашто, кога се тргнало, па и нека се заврши со комплетно фалсификување на историјата!

А, ова, на пример, може да биде и една од темите за која би можеле да дебатираат македонските и бугарските ученици и студенти наредната година. Иницијативата за тоа дојде од известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук, кој е и нов претседател на европските либерали. Тој годинава доби плакета за придонес на филозофско-историскиот натпревар „Македонија и Бугарија – блиска и далечна“, што го организирале основното училиште „Вела Благоева“ од Велико Трново во соработка со Великотрновскиот универзитет, кој доби лиценца за работа и во Република Македонија.

Интересен е насловот на годинешната тема „Македонија и Бугарија-блиска и далечна“. Дадената форма во еднина-„блиска и далечна“, наместо во множина-„блиски и далечни“, говори доволно сама по себе. Според ова, Македонија и Бугарија се едно исто и тоа исто е колку блиско, толку и далечно. Само за кого?!