Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров побара секое евентуално решение на спорот со Бугарија за одблокада на почетокот на пристапните преговори со ЕУ да биде верификувано во македонското Собрание, односно да не биде само одлука на Владата.

Со оглед на огромното значење на прашањето со Бугарија, нивната одлука секое евентуално решение да оди на валидација во бугарскиот парламент, како и водејќи сметка за усвоената Резолуција на нашето Собрание за македонските црвени линии, сметам дека исто така и кај нас, секое евентуално решение на прашањето со Бугарија исто така треба да добие поддршка и во Собранието на Македонија – изјави Димитров на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции.

Предлогот на Димитров го поддржаа претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседателката Соња Мираковска од НСДП.

Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции беше усвоена во Собранието на 29 јули годинава и со неа се обврзува Владата во преговорите со Бугарија за надминување на бугарската блокада за почеток на пристапните преговори со ЕУ да се почитува континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.

За усвојување на Резолуцијата, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, гласаа и власта и опозицијата.