Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави нова партиска активност – кампањата „Очи в очи за подобро“, во рамки на која тој лично, заедно со членовите на Извршниот комитет на партијата, ќе започне со интензивни посети на општинските комитети низ државата.

На денешната 35. годишна конференција на Унијата на млади сили претседателот на партијата и премиер Мицкоски најави дека посетите ќе започнат од овој викенд и ќе продолжат секој нареден викенд до крајот на годината, при што ќе се разговара со граѓаните во градовите и населените места.

Ќе одам од град во град, од населено место до населено место. Почнуваме кампања „Очи в очи за подобро“, најави Мицкоски.

Тој посочи дека целта е проблемите и потребите на граѓаните да се слушнат директно од нив, а не само преку извештаи, статистики и состаноци зад затворени врати.

Токму затоа треба да разговараме очи в очи. Без однапред определен одговор и без барање сите да мислат исто, рече Мицкоски.

На средбите, како што најави, ќе се разговара за реализираните проекти, за оние што се во тек, но и за проблемите кои сè уште чекаат решение.

Ќе зборуваме за она што е завршено – со датум, доказ и резултат. За започнатото – со јасна фаза, цена и рок. И за она што мора да се подобри – со разбирање за луѓето кои веќе предолго чекаат. Не за да слушнеме само пофалби. Не за да ја повторуваме веќе старата позната слика. Туку за да разговараме и за она што функционира и за она што не функционира, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека наследените проблеми и надворешните кризи не можат да бидат трајно оправдување за недоволната одговорност и пропуштените можности, додавајќи дека довербата се гради секојдневно, преку исполнети ветувања и конкретни резултати.

Нема напредок без вистина за состојбите. Нема доверба без почит. Нема подобро без работа што може да се измери“, истакна Мицкоски, промовирајќи ја кампањата под мотото „Очи в очи. За подобро“.

Тој најави дека партиските активности ќе продолжат и напролет, кога, како што рече, ќе следуваат трибини низ целата држава, од село во село и од град во град, заедно со граѓаните.

„Нашата борба е со проекти и дела“, порача Мицкоски