Ќе треба или не да се спроведе референдум за членството во НАТО?

Според академик Владо Камбовски Уставот не предвидува никаква процедура за спроведување референдум, туку членството ќе биде заверено со одлука на Собранието, може да биде и резолуција, како и со ратификација на Вашингтонската спогодба. Најнапред Протоколот за членство во НАТО треба да биде ратификуван од сите 29 членки, но тоа се очекува да биде завршена процедура до крајот на година, иако е можно сето тоа да заврши и побрзо. Доколку тоа се случи можно е Македонија целата работа да ја заврши до јубилејот на НАТО, 70 години од основањето, кој ќе биде одбележан во декември во Лондон.

Пресинг ТВ се обрати и до седиштето на НАТО во Брисел со барање да ни протолкуваат дали има некаков посебен неопходен услов за членство. Претставник на алијансата ни одговори:

„Условите за членство во НАТО за секоја европска земја се изнесени во членот 10 од Вашингтонската спогодба. Секоја земја има ексклузивно и суверено право да ги утврдува модалитетите преку кои ќе се реши да аплицира за членство во НАТО. Тие прерогативи се содржани во законодавството, законите и правилата на државата“.

Во членот 10 се вели дека земја која ќе добие покана за да пристапи кон пактот ќе ги изнесе своите инструменти за приклучување до владата на САД, а потоа американската влада ги информира сите членки за инструментите за приклучување.

Според Камбовски, Уставот не предвидува никаква друга процедура, не предвидува никаков референдум, бидејќи НАТО не е сојуз на држави, туку во себе обединува врз принципи на координација и интероперабилност и зачувување на суверенитетот на секоја држава.

„Уставот предвидува референдум само ако се работи за пристап кон сојуз на држави ако притоа значи пренесување на одредени суверени надлежности и права на државата на некои супранационални или заеднички институции, што во случајов не е така“, изјави вчера академик Камбовски.