Партиите ги прават последните подготовки пред стартот на изборната кампања која почнува в понеделник.  Роковите се куси, а треба да се обиколат што повеќе градови, општини, населени места, а тука се и директните средби со граѓаните. Интерните анкети на партиите им се добро познати па оттаму знаат и што да очекуваат од оваа дваесеттдневна кампања.

За овие претседателски избори се пријавија тројца кандидати, кои не се директен кадар на партиите туку ја добија нивната поддршка. Карактеристично е што тројцата се професори па ќе биде интересно да се слушнат нивните ставови од позиција на кандидат за шеф на државата.

Гордана Силјановска-Давкова ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и според партијата таа е фаворит на овие избори.

Нејзината кампања почнува со голем митинг во Охрид. Дневно најчесто ќе се одржуваат по два митинзи, а централниот собир е на 13 април во Скопје. На митинзите Силјановска ќе биде придружувана од лидерот Христијан Мицкоски.

Ставо Пендаровски, кандидатот поддржан од СДСМ и ДУИ своето прво обраќање ќе го има во Прилеп. Портпаролот на партијата, Костадин Костадинов очекува интензивна кампања на која на граѓаните ќе им претстават концептот на консензуален претседател.

Кампањата ќе содржи митизни, средби со граѓани, како и одење од врата до врата. Најверојатно на дел од митинзите ќе одиме заедно со нашиот коалициски партнер ДУИ-објаснува Костадинов.

Третиот кандидат Блерим Река ја доби поддршката од Беса и од Алијансата за Албанците и оттаму велат дека очекуваат тој да влезе во вториот круг на изборите.

Првиот круг на изборите ќе се одржи на 21 април и теоретски претседател може да биде избран уште тогаш, но за тоа да се случи потребно е еден од нив да освои половина од запишаните гласачи.

Ако тоа не се случи ќе има втор круг на 5 мај, и тогаш за претседател ќе биде избран оној кандидат кој освоил мнозинство од гласовите, но при тоа е потребно да излезат 40 отсто од запишаните гласачи во Изборачкиот список кој брои 1.800000 граѓани.