Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски со Фејсбук статус истакна дека Македонија втора година со ред не добива датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.

„Тоа е тажната вистина“, напиша Николоски на Фејсбук, во кој статус потесетува дека минатата година, уште на почетокот на април, ја информирал македонската јавност дека постои договор помеѓу Владите на Заев и Еди Рама, операционализиран преку Бујар Османи и тогашниот Министер за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, кој имал за цел да се создаде група Македонија – Албанија.

Дел од договорот бил да се забави со реформите со цел покрај Албанија и Македонија да не добие датум за преговори во 2018. Николоски пишува дека оваа состојба во која се најде земјата е директна последица на катастрофалното ниско ниво на реформи, корупцијата, економското назадување и немање на владеење на правото, резултат на неработата на Заев, пишува Николовски.

 

„Влегувањето на Македонија во иста група со Албанија сепак не било ,, научна фантастика”

Македонија втора година со ред не добива датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа е тажната вистина. Директна последица на катастрофалното ниско ниво на реформи, корупцијата, економското назадување и немање на владеење на правото, резултат на неработата на Заев.
Немањето датум за почеток на преговори е и последица на најголемата грешка на Македонската дипломатија, а тоа е Македонија да се стави во иста група со Албанија!
Минатата година уште на почетокот на Април ја информирав македонската јавност дека постои договор помеѓу Владите на Заев и Еди Рама операционализиран преку Бујар Османи и тогашниот Министер за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати, кој имаше за цел да се создаде група Македонија – Албанија. Дел од договорот беше да забави со реформите со цел покрај Албанија и Македонија да не добие датум за преговори во 2018!
Македонија и покрај тоа што Заев и Димитров решија да го потпишат срамниот Преспански договор не доби датум и не почна преговори во 2018! Еве не доби датум и овој јуни и нема да почне преговори и во 2019!
Кога го изнесов ова сознание од Владата ми беше одговорено дека е тоа научна фантастика!
Денешната кавга помеѓу Стево Пендаровски од една страна и Еди Рама и Дитмир Бушати од друга страна само потврдува колку бев во право пред година и пол и колку сето беше вистина. Пендаровски е прв од власта на Заев кој индиректно собра храброст да признае дека групата на Македонија со Албанија ја влече државата назад. Кога тоа го кажа доби остар одговор од Рама и Бушати. Изгледа не биле ,, научна фантастика” моите сознанија.
Заради оваа непромислена политика на Заев и Османи, како и заради криминалот, корупцијата, економското назадување Македонија изгуби две години!
Не сум среќен што бев во право зашто две години никој не може да им ги врати на сите граѓани на Македонија!

Не смее да се губи повеќе време!
Одговорност е потребна денес, веднаш од тие што го смислија и реализираа овој план.