Најверојатно ниту премиерот Зоран Заев, ниту некој од министрите ќе одат во самоизолација откако вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку Фејсбук соопшти дека е позитивен на ковид-19. Сепак, заради лична и безбедност на соработниците и семејствата, и премиерот и министрите ќе се тестираат за ковид-19.

Иако Спасовски вчера присуствуваше на настан на кој беа и премиерот Заев, како и министрите за земјоделство и за животна средина, Арјанит Хоџа и Насер Нуредини, сепак од Владата, но и лично министерот Хоџа, ни изјавија дека ги почитувале мерките и дека според протоколите не се обврзани да одат во самоизолација.

И покрај ова министерот Хоџа утрово се тестирал за да потврди дали е негативен на ковид-19.

Иако вчера бевме на настан со министерот Спасовски, сепак сите присутни држевме дистанца, носевме маски и не се ракувавме. Според протоколите, не сме обврзани да бидеме во самоизолација. Сепак, поради моја, но и сигурност на тимот со кој работам и моето семејство утрово се тестирав на ковид-19 и ги чекам резултатите – вели министерот Хоџа за Плусинфо.

Спасовски вчера беше на настан во чест на Денот на Обединетите нации и кај езерото Младост во друштво на Заев, Хоџа и Нуредини садеа дрва.

Но, неизвесно е дали Спасовски евентуално заразил некого од раководството на партијата, бидејќи во неделата СДСМ го одржа својот 25. Конгрес. Иако Конгресот беше онлајн, сепак партиското раководство беше во една просторија каде освен Заев како претседател на СДСМ говореа и генералниот секретар Љупчо Николовски, но и Оливер Спасовски. Присутна беше и заменичката на Заев, Радмила Шекеринска, потпретседателот Мухамед Зеќири, Сања Лукаревска, пратеничката Снежана Калеска Ванчева…

Спасовски деновиве бил во контакт и со старешината на манастирот Бигорски, отец Партениј каде му беше врачена награда. Ни Спасовски, ни отецот Партениј не носеа маски, ниту беа на пропишаната дистанца.